ВИДЕО: Пораз и од Партизан - Карпош Соколи со стара навика на гостувањата

Кошаркарите на Карпош Соколи во рамките на 16. коло од АБА лигата се поразени од Партизан во Белград со резултат од 76-72. Ако нашиот претставник на домашен терен игра одлично и реди победи, на гостувањата ситуацијата е дијаметрално спротивна, со оглед на тоа што бележи само убедливи порази.

По стартната предност на Партизан од 4-0, со серија од 0-10 одговори нашиот претставник Карпош Соколи, период во кој Вркиќ погоди две тројки и поведе со 4-10. Сепак домашните кошаркари одиграа одлично во последните две минути од воведната четвртина и направија пресврт за 21-17. Вториот квартал го одбележа игра со доста грешки на двете страни и релативно мал број на поени. Партизан во текот на целиот период водеше, а во финишот и со највисоки +9 (34-25), за да „соколите“ првото полувреме го завршат со серија од 0-6 и само -3 (34-31) на паузата.

Во третата четвртина екипите како да играа во бранови, најпрво Партизан на стартот поведе со највисоката предност до тој момент од +9 (45-36), за да избраниците на Николиќ одговораат со серија од 3-8 и намалат на -4 (48-44). Во продолжение белградските „црно-бели“ повторно додадоа на темпо во играта и за првпат со тројка на Пот поведоа со двоцифрена разлика од +10 (54-44), a во пресрет на последните 10 минути заминаа со +13 (60-47). 

Во последната четвртина Карпош Соколи преку расположените Вркиќ и Трајковски заигра многу подобро и ја преполови негативата на само -7 (67-60). Во продолжение Партизан повторно ја врати двоцифрената предност со резултат од 74-64, за да нашиот тим до крајот на мечот придодаде уште 8 поени, за конечна победа на српскиот тим од 74-64.

Трајковски со 19 поени беше најефикасен во тимот на Карпош Соколи, во чии редови поен помалку, 18 постигна Вркиќ. Кај победничката екипа на Партизан најефикасен беше Величковиќ со 17 поени, а 16 придодаде Хахчер.