Реал „удри“ во турскиот ѕид - Антиќ и Фенер против Олимпијакос за титулата

Gol.mk на кошаркарски Final Four во Истанбул

Првакот на Турција, Фенербахче втора година по ред ќе игра во финалето на Евролигата, откако во второто полуфинале го збриша Реал Мадрид со 84-75. Најуспешниот тим од регуларниот дел од сезоната „удри“ во турскиот ѕид и заслужено е поразен. В недела од 20.00 часот за европската круна Перо Антиќ, кој вечерва не доби шанса, ќе се бори против неговата поранешна екипа Олимпијакос.  

Србите Богдановиќ и Калиниќ подобро го почнаа мечот и Фенер поведе со 9-2. „Кралевите“ одговорија со пет врзани поени на Љуљ за 12-7 во 5. минута. Во 7. минута Удох со забивање првпат донесе двоцифрено водство на „жолто-сините“ (19-9). Само по добрата игра на Љуљ, момците на Пабло Ласо првиот период го завршија со подносливи -8, иако играчки беа многу инфериорни (21-13).

Четири минути на почетокот на вториот период Фенербахче не прими кош и со серија на Слукас и Калиниќ поведе со 26-13 за тајм-аут на Ласо. Шпанците преку Рендолф се созедоа и  на средина од вториот период намалија на 26-18. Првакот на Шпанија полека влезе во ритам и Рендолф со тројка намали на само -2. Весели од одбојка и Богдановиќ со тројка веднаш покажаа реакција за турскиот првак. Со Чехот Весели во главна улога, турската екипа го доби првиот период со 44-34 и навести добри вибрации за пласман во уште едно финале. 

Со подобар офанзивен скок и поените на притајниот Костас Слукас, Фенербахче во 25. минута дојде до највисоки +15. Си Џеј Керол веднаш возврати и со две тројки намали на 52-43. Со игра преку високите кошаркари Турците пак ја вратија двоцифрената предност. Нулани и Удох од транзиција ја вратија највисоката дистанца од +14 на влезот во последната минута од третиот период (62-48).

Последниот период започна со тројка на Датоме и огромна предноста за екипата од Истанбул. Сепак, благодарение на шутот „кралевите“ се вратија к по поените на Мациулис во 34. минута намалија на 68-60. На секој обид на Шпанците да се вратат, Фенер одговараше со нова серија и Датоме погоди кош и дополнително слободно фрлање за 75-43 во 37. минута. Од тој момент започна да се распаѓа играта на Реал и турскиот шампион го приведе натпреварот кон крај со победа од 84-75. 

Во екипата на Фенербахче најефикасни беа Удох со 18 и Весели со 13 поени. Одлични беа и Србите, Богдановиќ кој постигна 14 и Калиниќ 12 поени. Кај поразениот Реал Мадрид единствена светла точка беше Љуљ со 28 поени. Финалниот натпревар меѓу Фенербахче и Олимпијакос се игра в недела од 20.00 часот.