ЛЕГЕНДАТА СПАНУЛИС ја симна круната на ЦСКА - Олимпијакос е првиот финалист

Gol.mk на кошаркарски Final Four во Истанбул

Олимпијакос е првиот финалист на завршниот турнир на Евролигата во кошарка, откако во драматично полуфинале во „Синан Ердем Дом“ во Истанбул ја победи ЦСКА Москва со 78-82, во меч со уште еден пресврт и уште една симултанка на Василис Спанулис. 

Русите подобро го отворија натпреварот и со цврста одбрана и инвидуалности на Хајнс и Де Коло поведоа со 9-2. Пирејците брзо се созедоа и по тројката на Папаниколау поведоа во 5. минута (7-9). Во втората половина на првиот период во игра влезе Теодосиќ, кој заради повреда пропушти многу тренинзи овој месец. Со непробојна одбрана, момците на Итудис направија серија 9-0 и првиот период го завршија со 18-12.

Олимпијакос преку Папапетру и Папаниколау подобро го отворија вториот период и намалија на 24-20 во 14. минута. По поените на Де Коло по пик-ен-рол во 16. минута ЦСКА Москва поведе со +8. Ниту тајм-аутот на Сфаирополус не помогна и Хајнс со забивање го донесе првото двоцифрено водство (30-20). На европските прваци им тргна и шутот и Теодосиќ погоди тројка за +11 во 18. минута. Благодарение на Принтезис, Олимпијакос ја спушти разликата и на крајот од вториот период заостануваше за 7 поени (40-33).

Олимпијакос подобро го почна третиот период и благодарение на Спанулис се доближи до 48-44 во 25. минута. Но, тандемот Теодосиќ – Де Коло со нова серија предноста ја донесоа до +9 во 27. минута (55-46). Следеше тројка на Манцарис и тајм-аут на Итудис при 60-54. Кога Џексон погоди на влезот во последната минута од третиот период, ЦСКА Москва ја врати двоцифрената предност. Но, две тројки на Аграванис и Манцарис ги доближија Грците на 64-60 на крајот од третиот период. 

Со фанатична одбрана Олимпијакос комплетно се врати во мечот и намали на -2 во 32. минута. Спанулис со положување намали на само 65-64 и мечот стана игра на нерви и психолошка драма во финишот. Спанулис израмни на 69-69 на три минути до крајот, а погоди и тројка за прво водство на пирејците на неполни две минути до крајот (73-74). Со наизменични поени со егал се влезе во последната минута, кога тројката на Грин донесе водство на Олимпијакос (76-79). Теодосиќ на шест секунди до крајот промаши тројка за пресврт и Олимпијакос пак на чудесен начин како во Мадрид пред две години ја победи ЦСКА Москва со 78-82 и ќе игра ново финале на Евролигата.

Во екипата на ЦСКА Москва најефикасни беа Теодосиќ со 23 и Де Коло со 16 поени, а кај Олимпијакос се истакнаа Папаниколау и Принтезис со по 14 поени, но Спанулис на кого не му одеше во текот на целиот натпревар со серија на поени, вкупно 14 во мечот го донесе финалето. Вечерва од 20.30 часот се игра второто полуфинале меѓу Фенербахче и Реал Мадрид.