Одбраната раштимана, нападот очаен – надежите убедливо поразени од Грузија

По вчерашната тешка победа над Албанија нашата кошаркарска репрезентација до 20 години како да остана без сили за уште еден квалитетен меч и забележа убедлив пораз од своите врсници од Грузија (78-48), во вториот меч од ЕП (Б дивизија) кое се игра во Романија. 

Нашите момци мечот го започнаа во грч, одбраната беше тотално „раштимана“ додека нападот катастрофален, па тоа резултираше со само 4 постигнати поени за 7 минути и 13 примени. Селекторот Петрески реагираше со тајм-аут, по кој неговите избраници заиграа поквалитетна кошарка и на првата мала пауза заминаа со негатива од 8 поени (22-14).

Почетокот на вторите 10 минути беа идентични како првите, нашите кошаркари немаа идеја во нападот па за очекување многуте грешки кои соодветно беа казнувани од страна на гузиските младинци. На средината од овој период Грузија ја имаше највисоката предност +15 (31-16), за на полувреме да се замине со резултат од 37-24. 

Во третиот период избраниците на Петрески одиграа нешто поквалитетен напад и носени од расположените Робев и Маслинко, постигнаа најмногу поени (17), но одбраната повторно остана без решение за нападите на Грузијците, па во последните 10 минути влегоа со негатива од 13 поени. 

А таму на нашите момци им се случи вистински дебакл. За цели шест минути постигнаа само еден поен, а примија дури 17 што донесе рутинска завршница за Грузија, која на крај славеше со убедливи +30 (78-48).

Кај Македонија се истакнаа Робев и Маслинко кои постигаа 14, односно 15 поени, додека Грузиецот, Апказава со 27 поени убедливо беше најпрецизниот поединец на овој меч.