ВИДЕО: Нов „трипл-дабл“ на Вестбрук, генијална партија за Батлер и „биковите“

Расел Вестбрук продолжува со „трипл-дабл“и во новата година и ноќешниот меч со Денвер го заврши со 32 поени, 11 асистенции и 17 скокови. Ова е 17. натпревар оваа сезона со двоцифрени бројки во трите најзначајни категории оваа сезона за најдобриот кошаркар на денешницата. 

Оклахома Сити Тандер ја запиша третата победа по ред, совладувајќи го Денвер со 121-106. Чендлер со 24 поени беше најпозитивниот во поразениот состав на Денвер. 

Сан Антонио го прегази Шарлот со 102-85, а Летонецот Бертанс со 21 поен за 18 минути игра го одигра своето најдобро издание оваа сезона. Кавај Ленард запиша 19, а Олдриџ мечот го заврши со 15 поени и 11 скока.

Чикаго Булс продолжува со серија на победи против најсилните екипи во лигата. Против Торонто, „биковите" славеа со 123-118 по продолжение. Батлер пак беше фантастичен и постигна 42 поени, а ДеМар Дерозан со 36 поени се истакна во поразениот состав.