Николиќ: Задоволство е што на Божиќ играме против српскиот Бостон селтикс!

Екипата на Карпош Соколи во наредниот меч од АБА-лигата гостува кај белградски Партизан, а стратегот на „соколите“, Драган Николиќ очекува тежок натпревар.

Црно-белите имаат седум победи во низа во регионалното натпреварување, а Николиќ вели дека ќе му биде особено задоволство што на Божиќ против себе ќе има тим кого многумина го нарекуваат „српскиот Бостон селтикс“.

„Задоволство е да се игра против, како што многумина го нарекуваат, српскиот Бостон селтикс, тим во кој изникнале огромен број европски и светски шампиони, тим во кој играле НБА-играчи и тим во кој работеле врвни тренери, како што сега е Александар Џикиќ. За мене, Партизан е најпријатното изненадување досега во АБА-лигата. Тие се големи фаворити, имаат седум победи во низа, а зад нив имаат и фантастичен податок кој вели дека немаат загубено ниту една средба надвор од Белград во ова натпреварување. За нас е чест што Божиќниот натпревар, мечеви кои во САД се едни од најгледаните, го играме против можеби најголемиот, а секако најтрофејниот клуб на овие простори. Автоматски, тоа е обврска да сме на највисоко ниво“, изјави Николиќ.

Свој збор пред мечот имаше и капитенот на македонскиот претставник, Игор Пенов.

„Свесни сме дека ако сакаме да опстанеме во АБА-лигата ќе мора да почнеме да победуваме на гостински терен. Но, ќе биде тешко да го направиме тоа во пресметката со Партизан. Сигурно дека однапред нема да се предадеме, но јасно е дека ќе треба да се надминеме себеси ако сакаме да направиме изненадување. Работевме напорно изминатиот период, добро сме подготвени физички и тактички. Се надевам дека ќе се покажеме во добро светло, па и дека ќе го зграпчиме триумфот ако ни се даде шанса“, изјави Пенов.

На дуелот против Партизан се очекува во дресот на Карпош Соколи да дебитира повратникот Филип Шепа. Натпреварот меѓу Партизан и Карпош Соколи се игра од 21.00 часот.