МЗТ Скопје и Работнички заеднички ќе ја градат кошаркарската иднина на Македонија

Македонските кошаркарски великани МЗТ Скопје и Работнички склучија договор за заеднички развој на македонската кошарка, што е податок дека овие два клуба се големи ривали само на паркетот, а не надвор од него. 

Желбата за промовирање и напредок во младинските категории донесе меѓусебна соработка на двата клуба. Таа деновиве е најразвиена во оние најмлади категории, поточно во мини-баскетот, што е првата инстанца на патот за „зараза“ со вирусот наречен кошарка.

Огнен Стојановски е вклучен во овој проект, од страната на МЗТ Скопје, како одговорен за младинските селекции кај „металците".

„Поентата е да направиме соработка помеѓу градските ривали на едно друго ниво, кај оние помлади членови. Целта е да има дружба, да има соработка, позитивна енергија, нешто поразлично од она што досега било. Знаеме дека генерациите 2007, 2008, 2009, 2010 не се натпреваруваат во лигите кои се во организација на федерацијата. Сакајќи да им го зголемиме ентузијазмот, желбата, меѓу другото да дојдат родители, настанот да се претвори во еден убав кошаркарски хепенинг. Кошарката не е на тоа ниво на кое што била во претходните години. Сакаме да придонесеме во насока на зголемување на бројот на деца коишто сакаат да се занимаваат со овој спорт", вели Стојановски.

Александра Саздовска-Стефановска е претставник на „Лекс Груп", генералниот спонзор на младинската школа на МЗТ Скопје Аеродром. Како што вели, целта е да вложуваат и да инвестираат во младинската школа и да ја издигнат на уште повисоко ниво, со постојна интеракција со децата, тренерите, родителите..

„Очекуваме од оваа наша соработка дека од малите ќе излезат големи таленти, затоа и ги поддржуваме. Големите таленти со текот на времето ќе преминат во првиот тим. Колку повеќе таленти толку подобро за нас како ’Лекс Груп’, и секако за МЗТ. Целосно го подржуваме овој нов проект и би сакале сето тоа и да се прошири со некои други екипи. Поддршката ќе биде и финансиска и морална. Сите кои се дел од овој проект добија нови дресови" - изјави Саздовска-Стефановска.

Тодор Гечевски, кој е координатор на младинските категории во Работнички, смета дека оваа соработка е добра за развој на кошарката во градот Скопје, а се надева дека наскоро ќе се прошири и низ цела Македонија.

„Најважно е овие деца кои тренираат во школите, а не играат во лигите на МКФ, да ги анимираме и да ги воведуваме во светот на кошарката. Ние, како два најголеми клубови во историјата на Македонија, имаме голема обврска да го подигнеме нивото на кошарката, да се обидеме овие младински школи да прават подобри резултати, со тоа што бенефит би имале сите. Младите генерации да ги запознаат вистинските вредности на спортот, кој е дел од општествениот живот и во наш и интерес на целото општество е да имаме здрава младина која правилно ќе се развива", смета Гечевски.

Ваквите одлуки се добри за развитокот на нашиот спорт, а најмногу за нашите спортски надежи, па затоа ова нека биде  почеток на едни нови денови на нашата кошарка, која тоне од година во година.