Малинков: Со добар скаутинг со кого и да играме, можеме да избориме финале

Не се наполни ни половина од капацитетот на спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци за првиот натпревар на Фени Индустри во Купот на Македонија. Победата над АБ Охрид како да се очекуваше, па момците на Малинков со половина сили обезбедија полуфинале.

„Одигравме еден одличен натпревар на високо ниво. Дадовме 112 коша и мислам дека одлично одигравме, како во нападот така и во одбраната. Шутевите треба да ги подобриме, но за тоа ќе размислуваме понатаму.  Полуфиналето не е мала работа. Двете екипи кои можат да ни бидат противници се одлични, но мислам дека со еден добар скаутинг можеме да очекувам добра игра како оваа денес“, смета тренерот на Фени Индустри.

Бобан Стајиќ смета дека екипата со сериозен пристап влезе во натпреварот и тоа го отсликува и финалниот резултат.

„Како прв натпревар сметам дека се покажавме одлично. Победивме со огромна разлика и притоа успеавме да ги заштедиме клучните играчи. Нашиот фокус уште од пред почетокот беше полуфинале со МЗТ Скопје или со Кожув. Го очекуваме шампионот, но не се плашиме од предизвикот. Ја подигнавме тимската хемија со победата, огромната разлика сигурно придонесува и за поголема самодоверба. Ќе го анализиравме противникот и одиме на победа“, заврши Стајиќ.

Вечерва кошаркарите на Фени Индустри во живо ќе го следат натпреварот МЗТ Скопје - Кожув и ќе го следат утрешниот полуфинале противник.