Македонија на погон на разиграните Џордан и Костоски му се одмазди на Косово!

Кошаркарската репрезентација на Македонија остана во игра за пласман во квалификациите за Светското првенство (СП), кое во 2019 година ќе се игра во Кина, откако како домаќин, ја оствари потребната победа над Косово (87-74).

На нашиот национален тим му беше потребна победа од најмалку пет поени за да биде подобар при меѓусебното рангирање со Косовците по поразот во Приштина, што беше и остварено. Избраниците на Давитков одиграа фантастично второ полувреме и водени од одличните Теодор, Костоски, но и Војдан Стојановски, дојдоа до сигурен триумф. 

Кошаркарите го отворија натпреварот во грч и три минути не постигнаа кош, но и Косово не беше нешто подобар, па за 180 секунди даде само три поени. Првите поени за нашата селекција на мечот ги постигна Стојановски, а потоа, Младеновски и Џордан го вратија резултатот под контрола и донесоа водство од 6-5 за „црвено-жолтите“.

Македонија водеше и со 11-7, а голем удел во резултатот имаше и неефикасноста на најдобриот играч на Косово, Бериша, кој беше добро чуван. Со првите поени на мечот, Бериша успеа да намали на 17-16, а потоа со тројки на Ругова, кој беше најдобар поентер на Косово, гостинот успеа да поведе со 19-21.

Голем проблем во играта на Македонија беа промашените шутеви за три, затоа што шутот за три не функционираше и за нешто повеќе од еден период, дадовме само една тројка (1/13). Косово на стартот на вториот период успеа да поведе и со 19-24, меѓутоа Џордан и Костоски ја вратија Македонија во игра и потпомогнати од Стојановски, до крајот на полувремето дојдовме на еден поен негатива (40-41).

Одлично отворање за Македонија имаше третиот период, кога шутевите за три конечно профункционираа. Џордан и Костоски постигнаа две врзани тројки, а исто така Ѓуроски, кој доби минутажа и максимално ја оправда постигна пет поени, за сигурни 63-54.

Во четвртиот период Македонија влезе со предност од шест поени (63-57), во последните пет минути имавме позитива од осум поени (70-62), а до финишот, со одлична игра, пред се во дефанзивата каде тимот беше добро поставен, Македонија дојде и до двоцифрен триумф. Солиден меч одигра и младиот Љубомир Младеновски, кој помагаше доста под обрачите.

Најдобар кошаркар во таборот на Македонија беше Џордан Теодор со 22 поени и девет скока, додека на листата го следеа Александар Костоски со 16, Војдан Стојановски со 14, како и ЉУбомир Младеновски со 12 поени.

Наредниот и воедно последен меч од претквалификациите Македонија го игра на 16 август кога гостува кај Естонија. Со евентуална победа, се пласираме во наредната рунда - квалификациите за СП 2019.