Легендарниот Пабло Приџони стави крај на богатата кариера

Легендарниот аргентински кошаркар, Пабло Приџони, синоќа на својот Твитер профил објави дека ја завршува богатата играчка кариера. 

39-годишниот плејмејкер неодамна се врати во европската кошарка, откако потпиша договор со Басконија, но по само неколку месеци одлучи да се прости од паркетот. Токму во овој шпански гигант, Приџони ги имаше своите најсветли моменти, најпрво настапуваше од 2003 до 2009, а одигра и една полусезона во 2012 година.

Со Басконија беше освојувач на една шампионска титула од Ендеса лигата, три од националниот Куп и четири Суперкупа на Шпанија. 

Во својата богата кариера запиша настапи и за Реал Мадрид, Њујорк Никс, Хјустон Рокетс и Лос Анџелес Клиперс, а со својата селекција освои бронза на Олимписките игри во Пекинг 2008 година.