Ласо: Потребен е тимот, а не само Љуљ за да се победи овој Фенер

Gol.mk на кошаркарски Final Four во Истанбул

Ако пред две години Реал Мадрид на свој терен во „Паласио де депортес“ го совлада Фенербахче во првата сезона на Обрадовиќ на клупата на Турците, оваа година стигна реваншот, откако „кралскиот“ клуб беше надигран од расположениот тим на Фенер. По средбата Пабло Ласо, предводникот на шпанскиот тим го призна поразот.

„Некогаш кошарката е едноставен, а некогаш многу едноставен спорт. Фенербахче беше подобар противник и сакам да му честитам за победата и пласманот во финалето. Љуљ цел натпревар играше со многу срце, како што секогаш тоа го прави, но ни требаше расположен тим, а не само еден поединец. Повеќе се грижев како играше тимот, а не некој поединец. Нивото на оваа Евролига е многу високо, стигнавме тука како први во регуларниот дел, игравме против моќен Фенер, против кој мора да играте најдобро што знаете, а ние не игравме најдобро вечерва. Сепак, бевме во натпреварот до последната секунда и горд сум на моите кошаркари за целата сезона“, смета Ласо.

Реал Мадрид оваа сезона го освои Купот на Кралот и како првопласиран тим ќе влезе во плеј-офот на шпанската Ендеса лига.