ВИДЕО: „Кралот“ ја загуби главата кај Басконија, Химки доби лекција од Панатинаикос

Екипата на Реал Мадрид влезе во резултатска криза. По поразот во „Ел класико“ против Барселона во првенството, за кошаркарите на кралскиот колектив следеше нов, и тоа убедлив, пораз, овој пат во Евролигата од Басконија (105-75).

Тимот од Мадрид беше тотално надигран, а доминацијата Басконија ја најави уште во воведниот период кој го доби со 36-17. Како одминуваше мечот така разликата се зголемуваше, за на крај да достигне високи 30 поени.

Најдобар поентер во победничкиот состав беше Беобои со 15 поени, а Марселињо Уертас додаде уште 13 поени, додека кај Реал Мадрид единствена светла точка беше Лука Дончиќ со 18 поени.

Химки, пак, доживеа тежок пораз кај Панатинаикос во Атина, кој ја продолжи добрата серија по победата во дербито со Олимпијакос (93-65). Маркус Денмон беше најдобар кај ПАО со 24 поени, а Џејмс Гист уфрли уште 12, додека Алексеј Швед со 17 поени беше единствениот кошаркар со двоцифрен учинок кај Химки.

На останатите две средби, екипата на Макаби Тел Авив на домашен терен неочекувано загуби од Ефес (72-92), додека Жалгирис по продолженија се избори за голема победа на гостувањето кај Уникаха (83-85).