ВИДЕО: Клоф херојски го врати МЗТ од „-12“ во Загреб, но победата остана за Цибона!

Македонскиот првак МЗТ Скопје продолжи да реди порази во АБА-лигата на гостински терен. Овој пат, „штрковите“ во Загреб загубија од Цибона (87-79), која до посакуваниот триумф дојде благодарнеие на одличниот трет период кој го доби двоцифрено. 

„Штрковите“ поради мало невнимание во одбраната доживеаја нов неуспех во регионалното натпреварување и ја продолжија гостинската агонија на македонските тимови во АБА. Главно оружје на овој дуел на Цибона беше Рејнолдс, кој со дабл-дабл учинок го водеше својот тим до посакуван триумф пред домашната публика. На МЗТ Скопје не му помогна ни одличниот шут за три, туку само го врати во игра, кога резултатот беше во егал, на стартот на третиот период.

На самиот старт на мечот Цибона изгради предност која ја чуваше до самиот крај на првите десет минути (21-14). Сите 14 поени за МЗТ ги постигнаа двајца кошаркари - Скот (8п.) и Дреновац (6п.), а во целата прва четвртина покрај двајцата споменати кошаркари шут кон противничкот кош упати уште Темс. Во 5. минута од вториот период Цибона успеа да се одлепи на високи плус девет (28-19), меѓутоа, одличниот шут на МЗТ Скопје за три го врати македонскиот претставник во игра, поточно на негатива од четири поени (34-30). 

Пред финишот на првото полувреме Цибона имаше криза во нападот која МЗТ ја искористи и намали на 42-41, но во воведните минути од третиот период свои минути имаа Рејнолдс и Чориќ, кои танцуваа на паркетот и на Цибона ѝ ја вратија високата предност (61-53). Со поените на Рејнолдс домаќинот дојде и до првата двоцифрена предност на мечот (63-53), а потоа, следеше и највисокото водство од 12 поени (67-55). Со нови „тројки“ на Клоф и Симоновски, МЗТ успеа да се врати на минус шест (74-68), а потоа, со две слободни фрлања Клоф донесе и „минус четири“ (74-70). 

Во наредниот напад Цибона погреши, а Клоф со нови поени, вкупно 11-ти на мечот, го донесе македонскиот првак на негатива од два поени (74-72), а откако Шакиќ промаши тројка, Клоф лавовски се избори да ја зграпчи топката и да поентира за нови два поени и прво изедначување на средбата (74-74). Неизвесно беше и во последната минута, кога на семафорот стоеше 79-79. Преку две слободни фрлања на Шакиќ, Цибона поведе со 81-79, а потоа, откако Скот промаши „двојка“, следеше нов напад на хрватскиот тим и реализација на Жориќ за 83-79, што значеше и крај на надежите на „металците“ за прв позитивен резултат на гости сезонава.

Најефикасен кошаркар во победничкиот состав беше Шакиќ со 26 поени, а зад него заврши Рејнолдс со 17 поени. Кај МЗТ Скопје, Дреновац постигна 27 поени, а зад него заврши Клоф кој постигна 16 поени, а посебно блескаше во последниот период во кој постигна 12 поени. За МЗТ ова е осми пораз на осмиот меч на гостински терен. Во наредното коло „металците“ се домаќини на Задар (13. јануари).