„Градски парк“ ќе зјае празен, Работнички ја отвора сезоната без публика!

Најтрофејниот кошаркарски колектив, екипата на Работнички, ќе ја отвори домашната сезона во Првата лига во дуел со Фени Индустри, но за жал, во играта на двата тима нема да може да уживаат гледачи, поради санкција од Македонската кошаркарска федерација (МКФ).

Во канцеларијата на центарци пристигнато е соопштение во кое стои дека дуелот без Фени ќе се игра без публика, а причина е казна добиена на првиот домашен натпревар од полуфиналната серија против Карпош Соколи од ланската сезона, која не успеа да се „одлежи“ во текот на минатата сезона, па автоматски се префрла во новата. 

Најтрофејниот колектив доби казна да игра без публика на два меча, поради инциденти на првиот полуфинален против „соколите“, кога беа фрлани тврди предмети на теренот, а исто така во билтенот на делегатот влезе и плукање на службени лица.

Мечот тогаш беше прекинат, а истиот се одигра 24 часа подоцна и заврши со победа на тимот од Карпош (77-76). Потоа, Работнички одигра еден меч без публика против Карпош Соколи, но поради раната елиминација со сигурни 3-0 во серијата, немаше време уште еден меч да се одигра без гледачи.

Натпреварот меѓу Работнички и Фени Индустри се игра в сабота (14 октомври). Центарци новата сезона ја отворија со триумф кај Куманово, додека Фени Индустри загуби од дебитантот Гостивар на домашен терен.