ВИДЕО: Голден Стејт го „уништи“ Феникс, продолжи победничката серија на Јута

ГСВ

На денот кога Стив Кер им дозволи на своите кошаркари да ги водат тајм-аутите, Голден Стејт Вориорс го победи Феникс Санс со 46 разлика (129-83). На мечот не настапи Дрејмонд Грин, но затоа тука беше Омри Каспи, кој го замени во првата петорка и постигна 19 поени и оствари 10 скока. Најефикасен на теренот беше Стеф Кари со 22 поени, а Кевин Дурант постигна 16.

Во неизвесна завршница, Јута Џез продолжи со серијата победи и славеше над Сан Антонио Спарс со 101-99. Одличниот последен период на домашните кошаркари им донесе нов триумф, а најзаслужен за десеттото последователно славје на „џезерите“ беше новајлијата Донован Мичел (25), кој продолжи да доминира во првата сезона во НБА лигата.

Изненадувачки лидер се појави во екипата на Филаделфија 76ерс, која вчера го доби источното дерби против Њујорк Никс (108-92). Ти-Џеј МекКонел стигна до својот прв „трипл-дабл“ учинок во кариерата со 10 поени, 10 скока и 11 асистенции и го водеше својот тим поблиску до осмата позиција во конференцијата, која води во плеј-офот.

Во останатите три натпревар, Њу Орлеанс Пеликанс славеше на гостувањето кај Детроит Пистонс (103-118), Лос Анџелес Клиперс победи кај Бруклин Нетс (101-114), а Чикаго Булс запиша домашна победа над Орландо Меџик (105-101).