Фени Индустри си ја заврши работата и како на тренинг го „збриша“ Охрид

Домаќинот Фени Индустри е вториот полуфиналист на Лимак Купот  на Македонија во кошарка, откако полесно од предвиденото го победи АБ Охрид со 112-69 (24-12, 28-19, 34-20, 26-18). Противник на тимот на Малинков во полуфиналето ќе биде поуспешниот од денешното последно четвртфинале помеѓу МЗТ Скопје и Кожув.

Кавадарчани одлично почнаа и водени  од Пајиќ, кој постигна 12 поени, поведоа со 18-8. Со таа инерција на цврсти одбрани и мал број на поени првиот период го добија кавадарчани со 22-12. 

Предводени од Брукс, охриѓани го намалија заостанувањето на почетокот од вториот период. Тогаш со серија 7-0 кавадарчани ги вратија спокојот и охридската клупа побара тајм-аут при 35-22 во 15. минута. Високите Шарабидзе и Николовски доминираа под обрачите, каде Охрид воопшто не можеше да им парира на домаќините. По двете тројки на Чешковиќ, Фени Индустри стигна до највисока предност од 44-27. Со леснотија екипата на Малинков и Самарџиев на одмор замина со високи 52-31.

Со оваа предност кавадаречката клупа можеше да си дозволи во третиот период да го ротира ростерот, а предноста да не се намали, И наместо да се доближат, охриѓани целосно „потонаа“, па дури и одличниот Брукс беше сопрен. При огромни 83-49, Шарабидзе се повреди беше повлечен на клупата. 

Со целосна ротација и без многу труд Фени Индустри го приведе мечот кон крај за финална победа од 112-69. Најефикасни во победничката екипа беа Чешковиќ со 20 и Николовски со 18 поени, а Брукс со 37 поени беше единствената светла точка кај охриѓани.