ВИДЕО: Фенер и по вторпат ја совлада Басконија и е на чекор од Ф4

Во вториот натпревар од четвртфиналето на плеј-офот на Евролигата, кошаркарите на Фенербахче славеа нова победа против Басконија, овојпат со 95-89, и поведоа со 2-0 во серијата подобар од пет.

Баскијците отворија со 0-6, но избраниците на Обрадовиќ набрзо ја вратија контролата врз играта и пред крајот на првиот период поведоа со +8 (25-17), за да на мала пауза заминат со позитива од 25-23. Во продолжение актуелниот шампион стигна и до највисоки +9 (48-39), но до полувремето кошаркарите на Басконија се вратија во игра и на одмор заминаа со негатива од -4 (53-49).

Третата четвртина беше комплетно изедначена, а турскиот гигант главниот исчекор кон победата го направи на стартот на последниот период, кога повторно се одлепи на +9 (84-75), што на крајот беше доволно за победа од 95-89.

Најефикасен во тимот на Фенербахче беше Бред Ванамејкер со 19 поени, а Јан Весели дополни со 16. Во тимот на Басконија прв стрелец со 17 поени беше Мет Џенинг.