ВИДЕО: Дончиќ сам го реши Ефес, ЦСКА со пресврт ги совлада Џордан и Милано

Екипата на ЦСКА Москва со очекувана победа ја отвори новата сезона од Евролигата. Руските „армејци“ потешко од очекувањата на домашен терен го совладаа Милано (93-84) и запишаа два бода на стартот на европската кошаркарска елита.

ЦСКА блесна во второто полувреме и дојде до посакувана победа. Првиот дел мина во доминација на Милано, а италијанскиот тим воден од Гудлок и Мицов ја држеше играта под конец и на полувремето имаше предност од дури десет поени (38-48).

На стартот на третиот период ЦСКА ја „стопи“ предноста на гостинот и изедначи на 51-51, а се играше неизвесно се до средината на последниот период, кога од 70-70, домаќинот преку Родригез и Хигинс даваше лесни поени и се одлепи на 80-72, по што го приведе мечот кон своја победа. Во финишот Итудис ротираше, им даде шанса на оние кои повеќе минаа време на клупата, но воден од Де Коло, рускиот гигант дојде до победа од девет поени.

Реал Мадрид, пак, одигра ефектно во последниот период и дојде до триумф над Ефес (74-88).

Турскиот претставник кој во новата сезона влегува без главниот играч Чеди Осман кој замина во НБА-лигата цел меч бркаше негатива, а се врати во игра во мечот на стартот на четвртата четвртина, кога дојде на само минус три (61-64). Но, Реал Мадрид не остави ништо на случајноста, воден од словенечкото „чудо“ Дончиќ направи серија од 0-7, поведе со 61-71, а до финишот дојде и до победа од 14 поени.

Блескав меч во дресот на „кралевите“ одигра младиот Лука Дончиќ, кој го заврши дуелот со 27 поени, а поддршка му беше Густаво Ајон со 16 поени. Кај Ефес најдобар беше Ерик Мекалум со 26 поени.