Докузовски: Секогаш е уживање да се победи МЗТ!

Марин Докузовски, стратегот на Работнички, не го криеше задоволството по слатката победа над актуелниот првак МЗТ Скопје. По дуелот, популарниот „Доктор“ порача дека триумфите над вечниот ривал секогаш се слатки, но потенцира дека ништо не е готово и дека по осум победи по осум кола Работнички не смее да летне во облаци.

„Мислам дека одигравме еден доста борбен натпревар, вакво дерби не сме гледале одамна. МЗТ има поголем број на квалитетни играчи, има подолг ростер, ние имаме проблем со измените, а исто така хендикеп ни беа и фаулите. Притисокот беше на нивна страна, а ние она што се договоривме го почитувавме. Со мали корекции можевме и помалку кошеви да примиме. На крајот сум задоволен затоа што секогаш кога играат МЗТ и Работнички, секоја победа е драга и секогаш е убаво да се победи МЗТ. Се уште е рано да се зборува за првенството, меѓутоа ова дерби си е дерби, наше си е, мора да го почитуваме и да го сакаме. Не му дозволивме на противникот да се разигра, бевме дисциплинирани во одбраната и дојдовме до осмата победа“, изјави Докузовски.

Работнички е единствен тим без пораз во Првата лига и речиси сигурно е дека ќе остане на врвот и по регуларниот дел на првенството. Центарци имаат осум победи по осум кола, а во наредното се домаќини на АВ Охрид.