Давитков: Со играчите се договоривме да играме - за нас!

Репрезентацијата на Македонија го совлада Косово и остана во игра за квалификациите за СП 2018, а селекторот Јорданчо Давитков пред новинарите изрази задоволство од триумфот и слатката одмазда за поразот во Приштина.

„Одигравме тежок меч на психички план. Косово добро беше подготвен за овој меч, го донесоа и нивниот странец кој е одличен играч, без разлика што беше повреден во последните два месеци и доста им помогна. Имаа чудни шутеви што погодија. Во вториот дел конечно погодивме шутеви што промашувавме и имавме желба. Се на се, заслужена победа. Сакавме да победиме над пет разлика, го постигнавме тоа. Одиме на следниот меч за нас кој одлучува во среда. Им кажав пред средбата на играчите, овој меч е за нас и за никој друг. Работевме и трениравме цело лето. Среќни сме што победивме“, изјави Давитков на прес-конференцијата.

Селекторот даде и свое мислење за ситуацијата во салата и за непуштањето на билети во слободна продажба за дуелот со Косово.

„Како спортски човек, сакам да играм пред публика. Ако ме прашувате, јас сум за полна сала. Но, полицијата и федерацијата ја направија оваа одлука. Не би можел јас да одговорам на ова прашање“, заврши тој.

Наредниот меч против Естонија кој е последен за нас во претквалификациите се игра в среда.