Давитков доби отказ од Банијас поради репрезентативните обврски со Македонија

Јорданчо Давитков, селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, повеќе нема да биде предводник на Банијас од Абу Даби, откако раководството на клубот му врачи отказно решение. 

Причината за ваквата одлука на челните лица на тимот од Абу Даби е заради отсуството на Давитков, водејќи ја нашата селекција, а оваа информација ја потврди и искусниот стратег, споделувајќи статус на Фејсбук, во кој пишува: 

„Клубот може да го раскине договорот, бидејќи сум бил да ја водам репрезентацијата на мојата земја... Ок, го почитувам тоа! Но, и сега пак да треба да одлучувам, одлуката ќе биде иста! Клубови имало многу и ќе има уште, но репрезентацијата на Македонија е една!“, напиша Давитков.

Давитков веќе неколку години работеше во ОАЕ, а сега откако ќе се врати во Македонија ќе може целосно да се посвети на македонскиот тим, со коj пред извесен период со две победи ги започна преткалификациите за Европското првенсво во 2021 година.