ЦСКА и без Де Коло го преслуша Химки и е пред Ф4 во Евролигата

Екипата на ЦСКА Москва ја забележа втората победа во четвртфиналето од Евролигата над Химки (89-84) и во серијата поведе со 2-0, со што се наоѓа на една победа од пласман на завршниот турнир во најквалитетното европско кошаркарско натпреварување.

Големиот фаворит за тронот на овој меч беше без најдобриот поединец Нандо Де Коло, но и тоа не беше проблем за да се совлада ривалот. Химки беше во егал со ЦСКА два периода, а на полувреме дури имаше и минимална позитива (43-45), но не успеа да ја задржи во продолќението од мечот.

Со одлично отворање на третиот период и серија од 8-0, ЦСКА го сврте резултатот во своја полза (51-45) и водена од Родригез диктираше игра до крај. Средбата беше неизвесна се до почетокот на последниот период кога резултатот гласеше 68-68, а потоа московјани дојдоа до 81-72, предност која беше недостижна за гостите до крајот.

Лидер кај победниците беше Родригез со дабл-дабл учинок од 26 поени и 10 асистенции, а Кори Хигинс постигна 19 поени, додека кај Химки, Ентони Жил постигна 24 поени, а Алексеј Швед застана на само 12 поени.

Третиот меч од серијата меѓу двата руски клуба се игра на 25 април на теренот на Химки.