Црвена Звезда моќна и без Антиќ, го совлада Задар и се врати на првото место во АБА

Кошаркарите на Црвена Звезда, во рамките на 20. коло на АБА лигата запишаа нова победа, откако на домашен терен го совладаа Задар со 97-67. За „црвено-белите“ поради повреда и на денешниот натпревар во составот не беше нашиот Перо Антиќ.

По изедначената прва четвртина, во која гостите од Хрватска успешно им парираа на домашните кошаркари, во продолжение избраниците на Алимпијевиќ ја презедоа контролата врз играта и на одмор заминаа со предност од +11 (47-36).

Во продолжение, актуелниот шампион на АБА лигата, со прецизни удари за три (постигнаа 13 тројки) само ја зголемуваше предноста и на крајот славеше сосема заслужена победа од високи +30 (97-67). Најефикасни кај победничкиот тим беа Фелдејн и Омиќ со по 14 поени, а кај поразениот Задар, Крајина постигна 16 коша.

Во наредното коло Црвена Звезда игра на гостински терен против Игокеа, а Задар ја пречекува екипата на Мега.