Чочороски: АБА-натпреварите ќе ни послужат за искуство и самодоверба

Охридските кошаркари со пораз од Борац Чачак (82-62) пред своите гледачи ги започнаа натпреварите во Втората АБА лига. „Галебите“ три четвртини беа достоен ривал, а гостите комплетниот отпор го скршија во последниот квартал после кој обезбедија висока победа.

„Резултатски минавме лошо, но игравме добро. Не знам зошто се предадовме во последната четвртина, иако губевме десеттина разлика. Натпреварите во АБА лигата ќе ни послужат за добро искуство и за акумулирање на самодоверба за мечевите од Првата лига која ни е прва во фокусот“, изјави стратегот на охриѓани, Петар Чочороски.

Предводникот на гостите Раско Бојиќ клучот во победа го пронајде во чувањето на Реми Бери и неговите три лични грешки во првата четвртина и шутот кој го послужи кошаркарите.

„На моите играчи им честитам на заслужената победа, додека на охридскиот кошаркарски клуб му посакувам многу среќа во понатамошните натпревари. Има неколку фактори кои вечерва не одведоа до победа. Првата е затварањето на нивниот најдобар играч Бери, на кој не му дозволивме да се разигра. Исто така и тој ни помогна, откако направи три лични грешки. Потоа, неколку шутеви погодивме кога требаше и не им дозволивме на домаќините да се вратат комплетно во игра. Оваа победа ќе ни биде голем мотив за понатаму, бидејки не очекуваат доста број на натпревари годинава“, рече гостинскиот тренер.

„Галебите“ во втората рунда од АБА лигата ќе се сретнат со Ловче, но со сите сили се насочени кон мечот во Првата лига против Куманово во Охрид.