ВИДЕО: „Брадата“ пак блесна, неочекувани порази на Кливленд и Сан Антонио!

Синоќа се одиграа девет натпревари од најсилната кошаркарска лига на светот, НБА, а Јута Џез и Милвоки Бакс ги направија најголемите изненадувања, совладувајќи ги актуелниот шампион, Кливленд и некогашниот Сан Антонио Спарс, додека уште една спектакуларна ноќ имаше Џејмс Харден, кој оствари нов „трипл-дабл“ во победата на Хјустон над Шарлот. 

Леброн Џејмс имаше уште еден одличен меч, постигна  29 поени, но неговиот Кливленд загуби на гостувањето кај Јута со 100-92. „Џезерите“ клучната разлика ја направија во втората четвртина, која ја добија со 27-12 и до крајот не дозволија враќање во мечот на противникот и заслужено по вторпат оваа сезона славеа над големиот фаворит. Кај победничката екипа Хајвард со 28 поени беше најпрецизен, додека во редовите на Кливленд покрај Џејмс солиден скор имаше и Ирвинг, постигнувајќи 20 поени. 

Екипата на Милвоки Бакс му го нанесе седмиот пораз на претендентот за највисок пласман во Западната конференција, Сан Антонио Спарс. „Бакси“ на гости носени од заборавениот Мајкл Бисли, кој постигна 28 поени, одиграа перфектен меч и во клучните моменти докажаа дека имаа квалитет за плеј-оф, за на крај да слават тесна победа над гигантот со 109-107. Кај домашната екипа Ленард запиша 30 поени, а во 14 имаа Паркер, Грин и Симонс. Покрај Бисли кај победничката екипа се истакна и Паркер со 22, додека 17 постигна Брогдон. 

Во останатите натпревари, Лос Анџелес Лејкерс загуби од Портланд, Голден Стејт славеше убедливо над Мајами, а нова спектакуларна ноќ имаше Харден, кој со 40 поени и нов „трипл-дабл“ (10 асистенции и 15 скока) беше најзаслужен за победа на Хјустон над Шарлот.