Богдановиќ ги прескокна „азурите“ и ја одведе Србија на мегдан на Русија

Gol.mk на Евробаскет 2017 во Истанбул

Србија - Русија е второто полуфинале на Евробаскетот во Турција. Српската селекција ја оправда фаворитската улога и ја победи Италија во Истанбул со 67-83.

Италијанците подобро го отворија натпреварот и поведоа со 5-0, а првите поени Србиај и постигна преку Богдановиќ во 5. минута. Но, момците на Ѓорѓевиќ брзо реагираа и со серија 6-2, Мициќ донесе прво водство (7-8). Во неефикасни први 10 минути, Србите заминаа со еден поен предност на првиот одмор (17-18). 

Светските вицешампиони подобро го отворија вториот дел и со игра на Боби Марјановиќ стекнаа +7. Месина побара тајм-аут при 25-32 во 15. минута. Мачван погоди тројка за прво двоцифрено водство во 17. минута (27-38).  Со таква инерција заврши втората четвртина со комотно српско водство од 33-44.

Момците на Месина брзоплето се обидуваа со тројки да се вратат во мечот, а тоа мудро го користеа српските центри и го полнеа италијанскиот кош. Малвн и Бирчевиќ погодија за +13, а Богдановиќ во 25. минута предноста ја донесе до највисоки 37-52. Италијанците со поени од клупата спуштија до -8, па со слободни фрлања, Србите дојдоа до 48-59 на крајот од третиот период. 

Аридори добро го отвори последниот период и ја врати Италија на 9-10 поени заостанување. Кога Датоме погоди тројка во 35. минута Ѓорѓевиќ повика тајм-аут на 59-67. Тогаш на сцена стапи Богдановиќ и со серија на поени со извиците МВП, МВП, МВП од трибините го приведе натпреварот кон крај со лесна победа на Србија од 67-83.

 

Најефикасни поединци во репрезентацијата на Србија беа Богдановиќ со 22, Лучиќ со 11 и Марјановиќ со 10 поени, а кај Италијанците се истакнаа Датоме со 15 и Белинели со 18 поени.