Антиќ: Кренав рака да сугерирам фрлањето да запре, немав друга намера!

По победата на Фенербахче од 75-80 во „ОАКА арената“ во Атина против Панатинаикос, многу повеќе се зборуваше за реакцијата на Перо Антиќ, отколку за самиот дуел. Имено, Македонецот по еден конфликт со противничкиот играч Синглтон беше заменет, а на патот до клупата подигна рака кон навивачите на Панатинаикос. Реакцијата грчките навивачите не ја разбраа најдобро и почнаа да фрлаат предмети кон Антиќ. По натпреварот се огласи нашиот интернационалец да ја објасни збрката.

„Отидов да седнам на клупата, кога почнаа да фрлаат монети и шишиња. Кренав рака и сакав да сугерирам да се запре фрлањето, немав друга намера“, кратко нагласи Антиќ по натпреварот.

Риваството на Антиќ и „детелиинките“ датира од периодот кога Македонецот го носеше дресот на Олимпијакос и одигра неколку директни дерби пресметки со лутиот атински ривал. Фенербахче води со 2-0 во серијата од четвртфиналето на Евролигата и со два „брејка“ се наоѓа на чекор како и минатата сезона прв да избори виза за завршниот турнир во Истанбул.