Алимпијевиќ: Антиќ доаѓа со нас во Ниш, се надевам дека ќе игра

По вчерашната победа против тимот на Задар со 97-67, следен предизвик за кошаркарите на Црвена Звезда е Купот на Србија, кој ќе се игра во Ниш. Тренерот на „црвено-белите“, Душан Алимпијевиќ, потврди дека дел од тимот ќе биде и нашиот Перо Антиќ.

„Екипата ќе биде потполно подготвена, а со нас ќе биде и Перо Антиќ. Јас искрено се надевам дека ќе игра, онолку колку што ќе биде потребно. Одиме на завршницата од Купот во добра форма, со девет победи во Евролигата и прво место во АБА лигата. Најважно е што сите играчи се во добра форма“, изјави Алимпијевиќ.

Завршницата на Купот на Србија се игра од четврток до сабота, а како главни против кандидати во походот кон одбрана на Куп титулата, кошаркарите на Црвена Звезда ќе ги имаат тимовите на Партизан, Мега Бемакс и ФМП. Прв ривал на „црвено-белите“ ќе биде тимот на Борац Чачак.