ВИДЕО: Македонија со пораз од Израел како четвртопласирана ги заврши квалификациите за СП

Македонската инлајн хокеј репрезентација, квалификациите за пласман на СП во Братислава 2017 година ги заврши со пораз од Израел со резултат од 10-5 по четвртини (5-0, 2-1, 2-2, 1-2). Така по овој дуел нашата селекција квалификациите ги заврши како четвртопласирана, со ефект од две победи и два порази.

Лошо го започнавме денешниот меч за трето место, дозволувајќи му на Израел лесно да поведе по воведната четвртина со 5-0. Веќе во втората половина од првиот дел македонските „оклопници“ се созедоа, заиграа подобро и го постигнавме првиот гол на мечот преку Прокудин. Сепак повторно Израел даде нови два гола и на пауза замина со предност од 7-1.

Третата четвртина ја одбележа израмнета игра, со доста возбудувања на двете страни, период во кој Македонија даде два нови гола преку Симсич, за да во пресрет на завршната четвртина се замине со резултат од 9-3. Нашата селекција веднаш на почетокот на завршниот дел со третиот гол на Симсич на денешниот дуел, намали на 9-4. До крајот на мечот двата национални тима постигнат уште по еден погодок за конечна победа на Израел од 10-5. Последниот гол на овој меч, воедно и на овие квалификации за нашата селекција беше дело на Бостјан Кос.

За потсетување на овие квалификации нашата селекција предводена од Јуре Внук на стартот од групата А славеше над Бугарија со 11-5, потоа загуби од домаќинот Австрија со 11-2, за да вчера ја совлада Србија со 6-5.