Хокејот се враќа во Македонија на „Скопје ајс фестивал“

Новата хокејарска сезона во Македонија официјално ќе биде отворена со пријателскиот турнир „Скопје ајс фестивал“, чие четврто издание ќе се игра викендов од 9 до 11 декември.

Единствен македонски тим на турнирот ќе биде Металург, а покрај „пиратите“ свое учество ќе земат и Славија Љубљана (Словенија), Спартак Суботица (Србија) и Славија Софија (Бугарија).

Натпреварите почнуваат в петок, кога се соочуваат Металург и Суботица (19 часот), односно Славија Љубљана и Славија Софија (20.30 часот), а в сабота натпреварите ќе се играат меѓу Суботица и Славија Љубљана (10.00 часот), односно Славија Софија и Металург (11.30 часот).

Последниот ден, в недела, се соочуваат Славија Софија и Суботица (9.00 часот), како и екипите на Металург и Славија Љубљана (10.30 часот).