ВИДЕО: Зидан го надмудри Емери, Реал Мадрид сурово го казни ПСЖ на „Сантијаго Бернабеу“

Во првиот осминафинален натпревар од двомечот меѓу Реал Мадрид и ПСЖ, одигран на „Сантијаго Бернабеу“, со предност на реваншот ќе патуваат „кралевите“, кои на крајот славеа победа од 3-1 (1-1). На крајот победата на мадриѓани можеби е и повисока од односот на теренот, но актуелние шампиони уште еднаш ја покажа својата сила во најелитното европско натпреварување.

Зинедин Зидан се одлучи натпреварот да го започне со Иско на местото на Бејл, а Унаи Емери во одбраната шанса му даде на младиот Кимпембе, на место на искусниот Тиаго Силва. Актуелниот европски шампион подобро стоеше на теренот во првиот половина час, за разлика од ПСЖ кој се обидуваше преку контри да го совлада Навас.

Најголемата прилика за Реал Мадрид во првите 30-тина минути ја имаше Кристијано Роналдо, кој излезе очи в очи со Ареола, но биеше само во неговата глава. Казната за нереализираната шанса стигна набрзо, Мбапе направи одличен продор и центрираше во шеснаесетникот, а Начо ја исфрли топката пред Нејмар, но таа стигна до Адриан Рабио, кој со одмерен удар погоди за 0-1.

До крајот на првиот дел, Кавани имаше одлична шанса за двојна предност, а на спротивната страна се закани Крос, а претходно ударот на Бензема, Ареола одлично го одбрани. И кога сите помислија дека „светците“ ќе заминат со предност, Ло Селсо направи непромислен потег, по кој Реал Мадрид доби пенал, а сигурен реализатор беше Роналдо, за 1-1 на полувреме.

По одморот, фудбалерите на ПСЖ ја имаа првата шанса, Мбапе одлично биеше, но Навас уште поубаво одбрани. Веднаш потоа се закани и Рабио, но неговиот удар го блокира Серхио Рамос. Во продолжение се играше фајтерски и отворено со напади од двете страни. Во 65. минута Емери го извади Кавани од игра, а го внесе Муние, а на спротивната страна Зидан му даде шанса на Бејл на местото на Бензема.

ПСЖ имаше доминација, ја освои средината на теренот, но сите нивни обиди завршуваа околу шеснаесетникот на „кралскиот клуб“. Во 75. минута по одличниот центаршут на Јури Берчиче, Дани Алвес беше за малку кус и пропадна одлична шанса. Реал возврати преку Роналдо, но топката заврши само во корнер.

Во последните десет минути, Зидан во игра ги внесе Лукас Васкез и Асенсио и токму тие се покажаа како вистински избор и по еден продор на Асенсио, топката стигна до Роналдо, кој во 84. минута погоди за 2-1. Од тој момент играта на ПСЖ се распадна, а Марсело во 86. минута, пак на додавање на Асенсио, погоди за 3-1. До крајот „светците“ се заканија преку Мбапе, но повторно безуспешно, па во реваншот ќе треба да надополнат негатива од два гола.

Реванш натпреварот на „Паркот на Принцевите“ е закажан за 6 март.