ВИДЕО: Жилавата Специја одолеваше, но Наполи е првиот четвртфиналист на Копа Италија

Фудбалерите на Наполи се првиот патник во четвртфиналето на Купот на Италија, откако вечерва на „Сан Паоло“ во Неапол го совладаа второлигашот Специја со 3-1 (1-1). Екипата која го елиминира Палермо на Трајковски и Несторовски во 3. коло, едно полувреме му даде силен отпор на фаворитот, но немаше енергија за подвиг. 

Полското засилување од Удинезе, Зјелински во 3. минута го доведе тимот на Сари во водство, но Феличе Пиколо во 35. минута израмни за Специја и со 1-1 заврши првото полувреме. 

Одлуката околу четвртфиналистот падна во периодот меѓу 56-58. минута, кога наполитанците постигнаа два гола. Најнапред потенцијалниот репрезенаттивец Џакерини ги доведе домаќините во ново водство, а потоа Габиадини, кој преговара за трансфер во Волфсбург, ги постави финалните 3-1.

Наполи во четвртфиналето ќе се сретне со победникот од натпреварот помеѓу Фиорентина и Киево.