Захариевски дебитираше со победа, Пелистер му даде четири гола на Новаци

Фудбалерите на Пелистер го совладаа второлигашот Новаци со 4-0 (1-0) во дебито на новиот тренер Срѓан Захариевски. Во дуел кој се играше под „Тумбе кафе“, прволигашот беше многу подобар противник и во вториот дел ја покажа својата супериорност.

Со само неколку тренинзи во нозете, пелистерци се одлучија за лесен тест, а неколку стотина битолчани го видоа новиот Пелистер на три и пол недели до почетокот на новиот шампионат. Баже Илијоски од слободен удар го постигна единствениот гол во првото полувреме. Во вториот дел блесна Иве Трифуносвски, автор на два гола, а меѓу стрелците се запиша и младиот Матеј Цветановски.

Тренерот Захариевски шанса им даде на сите фудбалери, а новачани делуваа на почетокот од подготовките и со видоизменет тим за разликата од претходниот шампионат на ВМФЛ.

В сабота битолчани заминуваат на еднонеделни подготовки во Банско, каде екипата ќе одигра три контролни натпревари. Воочи двомечот со Лех Познањ во Лига Европа, Пелистер воден од Наџи Шенсои десет дена се подготвуваше во Бугарија и одигра два пријателски натпревари.