Вујанац: Секогаш е тешко да се игра во Кратово, но верувам дека ќе постигнеме гол!

Новиот прволигаш, Академија Пандев, ќе му гостува на Силекс во Кратово во рамките на осминафиналето на националниот Куп. Струмичани имаа среќа што во оваа фаза ги избегнаа најсилните тимови во лигата, а новиот голман на тимот, Никола Вујанац, е оптимист дека во Кратово ќе останат непоразени. 

„Секогаш е тешко да се игра во Кратово и да се обезбеди позитивен резултат. Ние ќе дадеме сè од себе за да обезбедиме што поповолен резултат пред реваншот во Струмица. Ќе бидеме задоволни со нерешен резултат со постигнат гол на гости. Тоа нема да биде лесно, бидејќи Силекс има една од најдобрите одбрани во лигата. Нашата амбиција е да стигнеме што подалеку во Купот и максимално сме мотивирани за такво нешто,“ вели Вујанац.

26-годишниот српски голман ова лето ги засили редовите на Академија Пандев и тоа од тимот на Силекс, за кого настапуваше само една сезона. Денешниот меч во Кратово е закажан од 15.30 часот.