Во ист ден доби суспензија и нов договор: Марсело останува „крал“ до 2022 година

Екипата на Реал Мадрид и левиот бек, Марсело постигнаа согласност да ја продолжат соработката до 30 јуни 2022 година.

29-годишниот бразилски дефанзивец сонува да стави крај на фудбалската кариера на „Сантијаго Бернабеу“, а новиот договор е чекор напред во остварување на желбата. Договорот ќе се официјализира в петок, кога Марсело ќе одржи прес-конференција пред новинарите.

Бразилецот пристигна во Мадрид на 18 години во јануари 2007 година и досега има настапено на 415 натпревари за „кралскиот“ клуб. Пред него се наоѓа Роберто Карлос, кој со 527 меча е странскиот фудбалер со најмногу натпревари во историјата на Реал Мадрид.

Интересно, истиот ден кога излезе информацијата за новиот договор на бразилскиот фудбалер, беше потврдена неговата казна од два натпревари, поради директниот црвен картон против Леванте.