ВИДЕО: Нова шлаканица за првакот - Виљареал ги шокира „кралевите“ на Зидан!

Екипата на Реал Мадрид ја продлабочи кризата во шпанска Примера, откако на својот „Сантијаго Бернабеу“ неочекувано загуби од големиот аутсајдер на хартија Виљареал (0-1).

„Кралевите“ на Зидан веќе три кола не знаат за триумф, а трагичар на натпреварот е најголемата ѕвезда на тимот Кристијано Роналдо. Португалскиот ас промаши неколку чисти шанси за гол, меѓу кои и онаа пред полувремето, кога се најде во чиста ситуација да постигне гол, но само шутираше во телото на чуварот на мрежата на „жолтата подморница“.

Реал Мадрид доминираше на оваа средба, но сепак, не успеа да постигне гол. Роналдо, Модриќ, Бејл, Иско... се закануваа кон голот на Асенјо, но не го најдоа патот кон мрежата, а казната дојде во 88 минута кога Форналс погоди по една молскавична контра и одбиена топка од Навас.

Реал Мадрид е на четвртото место во Примера со 32 бода, еден помалку од петтопласираниот Виљареал. Бранителот на титулата веќе е детронизиран, ако се земе предвид дека лидерот Барселона сега има предност од 18 бода на табелата.

По овој пораз под знак прашалник е доведена и иднината на Зинедин Зидан во најтрофејниот шпански клуб.