Видал: Моето срце е скршено!

Видал

По дебаклот на Чиле во квалификациите за Светското првенство во Русија, еден од најдобрите фудбалери на оваа држава, Артуро Видал, одлучи да ја заврши својата репрезентативна кариера. 

Шампионот на Јужна Америка не успеа да обезбеди учество на Мундијалот идната година, откако квалификациите ги заврши на шестата позиција, а Видал по изненадувачката пензија изјави дека неговото срце е скршено, но мораше да донесе таква одлука. 

„Да бидам искрен, моето срце е скршено, но морав да донесам таква одлука. Сакам да им се заблагодарам на сите што ме научија дека само со труд може да се стигне онаму каде ќе посакаш. На мојата селекција ѝ посакувам многу успех во иднина“, истакна фудбалерот на Баерн Минхен.

Видал за Чиле одигра 99 меча и постигна 23 гола, а покрај него, дел од оваа репрезентација во иднина нема да биде ниту селекторот Хуан Антонио Пици, кој минатата година го наследи Сампаоли и успеа да триумфира на Кoпа Америка.