Вардар одигра најслабо кога требаше да биде најсилен - упати само еден шут во гол!

Македонскиот фудбалски првак Вардар доживеа пораз на гостувањето кај тетовска Шкендија на стартот на новата сезона и кога требаше да биде најсилен и да покаже зошто е шампион - потона во очај.

Уште еднаш се покажа старата вардарова болка, во отсуство на класичен напаѓач. Одговорноста на средбата ја презеде младиот 17-годишен Колевски, но ниту еднаш не успеа да се закани кон голот на Захов. Интересно е што Вардар имаше само еден шут во рамките на противничкиот гол, податок кој и тоа како треба да го загрижи шампионот, кој ќе се бори за одбрана на тронот со „залетаната“ Шкендија, која има искусен тренер во Ќатип Османи.

Единствената закана кон голот на тетовчани ја имаше Дејан Блажевски и тоа во средината на првото полувреме, кога Захов го прочита неговиот удар. Седлоски мора да анализира каде погреши, ако се земе предвид дека Шкендија едно време беше негов „пациент“.

Поразот во Тетово доаѓа во најлош можен период, пред натпреварот против Фенербахче, кој се игра во Скопје во рамките на плеј-офот на Лига Европа.