Треневски: Работнички ќе бара нови зимски засилувања, но ќе се води според буџетот

Екипата на Работнички го оствари првиот собир во 2017 година, а збор имаше Виктор Треневски, стратегот на „романтичарите“ кој најави подготовки од напорни 40 дена за остварување на целта на дебармаалци, а тоа е пласман во квалификациите за Лига Европа.

„Следат напорни 40 дена, ја знаеме целта. До 26 јануари сме тука, а потоа заминуваме за Анталија. Температурата ни ги промени плановите, но не премногу. Првите недела дена ќе ги минеме во сала и вежбалница, а потоа ќе менуваме, во однос на температурните промени. Сите сме на број, имаме намера да потполниме еден до два нови фудбалери, во зависност од тоа кој како ќе остане. Немаме голем буџет да темпираме, следиме играчи, ќе почекаме. Веќе подготвивме две пријателски, против Брегалница и Хоризонт Турново, слично е и во Анталија, каде ќе имаме пријателски средби и веќе имаме договорено пет. Списокот ќе следи за неколку дена. Вкупно, ќе имаме девет до десет средби, засега се договорени седум. Зимава ќе бараме нов напаѓач, може да уфрлиме и нови фудбалери од младинскиот состав, како што е праксата на Работнички“, изјави Треневски на првиот собир.

Работнички по есенскиот дел од сезоната заврши на четвртата позиција. Пред „романтичарите“ се екипите на Вардар, Шкендија и Пелистер. Во првото пролетно коло „романтичарите“ се соочуваат со Македонија ЃП (19 февруари).