Треневски: Против Македонија ЃП со мотивација како да играме со Вардар

Работнички ќе ја пречека Македонија ЃП во единствениот натпревар од 29. коло од ПМФЛ, кој што ќе се одигра в сабота. Фудбалерите на Виктор Треневски посакуваат продолжување на одличната форма во пролетниот дел од сезоната, а предводникот на „романтичарите“ бара од своите избраници да ја имаат мотивацијата како да играат против Вардар.

„Играме против Македонија ЃП, еден млад и полетен тим, кој претходно во првенството веќе ни покажа дека може да биде многу незгоден ривал. Затоа, мораме максимално мотивирано да влеземе во овој дуел, да наметнеме свое темпо и да ги заслужиме трите бода. Имаме квалитет, имаме и поголемо искуство, но сето тоа треба да се покаже и да се потврди на теренот. Никако, не смееме да помислиме дека работата сме ја завршиле. Има уште една четвртина од шампионатот, во опција се уште 27 бода. Мораме да продолжиме во темпото што го имаме во последните триесетина дена, да победуваме, да освојуваме бодови, се до самиот крај на првенството“ , вели Треневски за официјалната веб страница на Работнички.

Екипата од Дебар маало се одвои на третата позиција на табелата и ги искористи лошите резултати на Пелистер, кој сега заостанува цели девет бода.