Трансфер „БОМБА“ од Турција: Јаховиќ од јануари ќе го засили Галатасарај

Доколку му веруваме на турскиот медиум „Фанатик“, екипата на Галатасарај во зимскиот трансфер-период ќе биде засилена со услугите на нашиот поранешен репрезентативец Адис Јаховиќ. 

Според весникот кој се повикува на блиски извори од турскиот гигант, Јаховиќ е прва трасфер-цел оваа зима на новиот тренер Игор Тудор. Исто така, наведено е дека веќе е постигнат договор меѓу Галатасарај и сегашниот клуб на Адис, Гезтепе, односно Јаховиќ уште од јануари ќе потпише договор со лидерот на турскиот шампионат, но постои можност сезоната да ја доигра во сегашниот клуб, каде бележи фантастични настапи. 

Македонскиот „бомбардер“ со 11 гола ја дели челната позиција во листата на најдобри стрелци во турскиот шампионат, заедно со ѕвездата на Галата Гомис и дефинитивно ако во иднина носат ист дрес, ќе бидет страв и трепет за противничките одбрани.

Доколку овој трансфер се реализира, Јаховиќ, по Горан Пандев, ќе биде вториот Македонец, кој ги бранел боите за најтрофејниот турски клуб.