Трајчевски: Ни здодеаја тренинзите, се радуваме на стартот на ПМФЛ

Фудбалерите ги оставаат зад себе здодевните тренинзи и тест-средбите, а фокусот е кон Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) која на програмата се враќа од утре (среда). Екипата на Работнички на домашен терен ќе ја пречека Ренова, а Душко Трајчевски, капитенот на дебармаалци, едвај чека на почетокот.

„Се радуваме на стартот на пролетта. Ни здодеаја тренинзите, сите со нетрпение го чекавме првиот натпревар и почетокот на пролетниот дел од сезоната во Првата лига. Играме на домашен терен, мотивирани сме максимално и одиме на победа. Ренова е квалитетен тим, заслужува респект, но ние треба да победуваме на домашен терен оваа пролет доколку сакаме да ја оствариме целта, а таа е излез на европска сцена“, изјави Трајчевски за клупската интернет-страница.

Работнички во пролетниот дел влегува доста засилен, а желбата е да се обезбеди излез во Европа. Мечот меѓу „романтичарите“ и „гипсарите“ се игра со почеток од 14.00 часот.