ВИДЕО: Слатка одмазда за Барса, Меси и Ракитиќ го „решија“ Јуве!

Каталонскиот гигант, Барселона, со победа ги стартуваше настапите во новата сезона на Лигата на шампионите. На преполнетиот „Камп Ноу“ Барса со убедливи 3-0 (1-0) го совлада италијанскиот шампион, Јуве и на еден начин му се реваншира за ланската елиминација во четвртфиналето. 

Валверде за вечерашниот дуел се одлучи за можеби најсилниот состав со кој располага. Свое деби од првата минута имаше најскапото засилување, Осман Дембеле, кој во нападот му правеше друштво на „староседците“ Меси и Суарез. Алегри пак, имаше големи проблеми со составувањето на својот стартен тим. Поради повреди и суспензии не можеше да смета на Кјелини, Квадрадо, Кедира и Манџуќиќ, па од првата минута истрча младиот Уругваец, Родриго Бентакур, кој делуваше тотално индиспонирано и во 60. минута беше заменет со Бернардески. 

Очекувано, мечот започна со иницијатива на каталонските фудбалери, но Јуве прв се закани. Во 6. минута водство за „старата дама“ можеше да донесе Де Шиљо, но неговиот удар заврши покрај голот на Тер Штеген. Барса пак, својата прва шанса ја имаше во 21. минута, кога Суарез биеше прецизно, но Буфон фантастично интервенираше и топката ја изби во корнер. 

И во моментите кога се очекуваше крај на првото полувреме Барса го отвори резултатот, а заслужен за тоа беше првата ѕвезда, Лионел Меси. Аргентинецот одигра еден-два додавање со Луис Суарез и од 20-тина метри биеше прецизно по земја и по пауза од три меча конечно го совлада големиот Џиџи Буфон. На овој гол на Меси претходеше фантастична шанса на младиот Дембеле, но неговиот удар навремено беше блокиран од дефанзивците на „старата дама“.

Јуве уште на стартот на вториот дел имаше шанса да дојде до израмнување, но Дибала беше непрецизен, а тоа го казни Ракитиќ, кој од отпадок погоди за сигурни 2-0 за Барса. Иако во продолжението од мечот се очекуваше Јуве да нападне со сите сили и тежиштето на играта да се префрли на полето на Барса, фантастичната тактичка поставеност на фудбалерите на Валверде беше пресудна за сите напади на италијанскиот гигант навремено да бидат стопирани. А токму отворената игра на „старата дама“ ја искористи Лионел Меси кој во 69. минута преку соло акција во негов стил пак го совлада Буфон и ги постави конечните 3-0. 

Вечерва од оваа група Е се одигра и мечот во Атина, каде Спортинг Лисабон извојува тесна победа од 3-2 над Олимпијакос. Португалците имаа големо водство од 3-0, но за малку можеа да го испуштеа, откако грчкиот тим за само три минути постгна два гола, но остана без сили и време за израмнување. Нашиот Ристовски одигра само 5 минути, откако во игра влезе во 88. минута.