ВИДЕО: Сити го отвори „бункерот“ на Брајтон, Гвардиола започна со лесна победа

Фудбалерите на Манчестер Сити со победа ја започнаа новата сезона во Премиер лигата, откако славеа на гостувањето кај новиот член на елитата, Брајтон со 0-2 (0-0). Избраниците на Пеп Гвардиола доминираа во текот на целиот натпревар, на моменти имаа и 75% посед на топката, но дури во самиот финиш го скршија отпорот на домаќините.

Габриел Жесус во првото и Кун Агуеро во второто полувреме не реализираа големи шанси за почетно водство. Сепак, стрпливоста на гостите се исплатеше и во 70. минута, откако прими една топка од Де Брујне, Аргентинецот Кун Агуеро со дијагонала ја погоди целта (0-1).

Дилемите околу победникот беа разрешени во 75. минута, кога по центаршутот на Фернандињо, дефанзивецот Луис Данк несфатливо ја погоди мрежата на соиграчот Австралиецот Рајан со удар со глава за ефектен автогол за 0-2.

Првото коло од новата сезона во Премиер лигата се затвора утре со натпреварите Њукасл Јунајтед - Тотенхем и Манчестер Јунајтед - Вест Хем.