Шведските медиуми се чудат - како УЕФА дозволи да се игра во Струмица?

Шведските медиуми се преполни со критики за стадионот „Младост“ во Струмица каде утре во 18.00 часот ќе го одиграат возвратниот натпревар од второто коло од квалификациите на Лигата на шампионите. Ако Швеѓаните со денови зборуваа за температурата, сега кога таа повеќе наликува на скандинавската од балканската клима, главна тема е стадионот.

Весниците и веб порталите од Малме се чудат како УЕФА дозволи да се играат европски натпревари на стадионот во Струмица, а најголемиот број на критики се однесуваат на опкружувањето, лошиот квалитет на тревникот, лошиот медиа простор и слично.

Ова лето сите четири македонски претставници своите европски натпревари ќе ги играат во Струмица, бидејќи „Телеком арената“ се подготвува за Суперкупот на Европа меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед на 8 август. ФФМ објави дека на почетокот од септември во Струмица ќе се игра и натпреварот од квалификациите за СП во Русија меѓу Македонија и Албанија.