ВИДЕО: Шведска слави, Италија тагува - „Азурите“ за првпат по 60 години останаа без Мундијал

На реванш натпреварот од бараж-двомечот за пласман на Светското првенство во Русија, Италија на „Сан Сиро“ одигра само 0-0 против Шведска и по цели 60 години не успеа да се пласира на завршницата на еден Мундијал. Швеѓаните влегоа со предност од 1-0 по првиот натпревар и со цврста одбрана ја остварија својата цел и обезбедија пласман на завршниот турнир во Русија.

Вентура денешниот натпревар го започна без Де Роси, со Жоржињо од првата минута. Италијанците од самиот старт ја имаа иницијативата, но сите акции во првите 15-тина минути завршуваа пред шеснаесетникот на Шведска. Во првиот четврт час имаше и две сомнителни ситуации во шеснаесетникот на двете репрезентации, но Лахос само дозволи играта да продолжи.

Во 17. минута гостите останаа без Јакуб Јохансон, кој го повреди коленото и беше заменет од Свенсон. Првата посериозна шанса „азурите“ ја имаа во 27. минута, Кандрева од пет метри биеше силно, но топката заврши над пречката.

Домашните фудбалери доминираа, а во завршницата имаа извонредни шанси по ударите на Флоренци и Имобиле, но Олсен не дозволи да биде совладан, па на одмор се замина со почетните 0-0.

На стартот на вториот дел Флоренци во 52. минута биеше покрај стативата. Следеше шанса на Кјелини, чиј удар исто така заврши покрај голот. Во 63. минута Вентура на теренот во игра ги внесе Белоти и Ел Шарафи и уште повеќе го засили притисокот кон голот на Олсен. Само две минути подоцна, по центаршутот на Флоренци, Лустиг ја погоди пречката од својот, но за среќа на гостите топката заврши само во корнер.

Како одминуваше времето, со оглед на предноста од првиот дуел, Швеѓаните главно беа ориентирани на одбраната и преку контри се обидуваа да ја пренесат топката на половината на „азурите“. Во финишот Италијаните носени од преполниот „Сан Сиро“ се заканија преку Ел Шарави, кој биеше од близина, но Олсен повторно одлично одбрани и го трасира патот на својата репрезентација кон Русија.

Утре се игра последниот бараж натпревар од европската зона меѓу Ирска и Данска. Првиот натпревар во Копенхаген заврши 0-0.