ВИДЕО: Шампионот потона во Тетово, Шкендија со триумф ја отвори новата сезона!

Македонскиот првак Вардар лошо ја отвори новата сезона во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), откако во супердербито против Шкендија во Тетово загуби со 2-0 (0-0).

„Црвено-црните“ имаа голем проблем во создавањето на шанси, а Шкендија на Ќатип Османи одигра атомски меч и го надигра шампионот во сите сегмети. Тетовчани со одличниот меч ја најавија сезоната во која влегуваат со шампионски амбиции и детронизирање на „црвено-црниот“ ривал од Скопје. Трите бода во Тетово ги оставија Алими, кој постигна ефектен гол, како и Стенио Жуниор.

Гоце Седлоски имаше проблем во обидот да најде напаѓач, затоа што Балотели си замина од тимот, а одговорноста во офанзивата ја презема 17-годишниот Колевски. Младиот напаѓач на Вардар тешко доаѓаше до шанса, наспроти Шкендија, која преку искусните Ибраими и Хасани притискаше кон голот на Гачевски.

Уште во 4. минута Стенио Жуниор упати удар од далечина, но Гачевски го прочита, а потоа, во 8. минута Хасани имаше прекрасна шанса да го отвори резултатот откако излезе еден на еден со голманот на Вардар, но не успеа да реализира. Во 17. минута следеше нова шанса за Шкендија, овој пат преку Радески, но Гачевски повторно го прочита неговиот удар и го држеше Вардар во игра.

Првата шанса на мечот и воедно единствена во целите 90 минути ја имаше Блажевски, во 23 минута, кога Захов го одбрани неговиот удар. До полувреме се играше мирен фудбал, без голови, а супердербито го доби својот расплет во 61. минута, кога Алими со ефектен гол од далечина го отвори резултатот.

Само пет минути подоцна, во 66. минута, вторпат во мрежата на Вардар успеа да погоди и Стенио Жуниор, кој излезе пред голот на Гачевски по додавање на Хасани и по земја погоди за 2-0 и тотален шок за Вардар на стадионот во Тетово.

Шкендија со триумфот во Тетово ја продолжи победничката низа на домашен терен против Вардар и веќе втор меч во низа слави, по триумфот од 3-1 во финишот на минатата сезона. Ќатип Османи и тетовчани покажаа дека имаат зрелост, а сега на потег е Вардар, кој ќе мора да се подобри пред реваншот во Скопје, кој е закажан во рамките на 10. коло кое се игра на 15 октомври.