ВИДЕО: Селта го преживеа Генк и првпат ќе игра европско полуфинале

Селта од Виго за првпат во својата историја ќе игра полуфинале на еден европски Куп, откако вечерва во Белгија во вториот натпревар од четвртфиналето на Лига Европа ремизираше со домашниот Генк, 1-1 (0-0) и со вкупни 4-3 обезбеди место меѓу четирите најдобри.

Шпанците постоjано ја имаа топката и преку Гуидети во 23. минута и Јаго Аспас една минута пред одморот можеа да донесат водство, но среќата ги чуваше домаќините. На одмор се замина со почетниот резултат, но со многу подобри вибрации на гостите. 

Надмоќта избраниците на Едуардо Беризо ја материјализираа со прекрасниот гол на Пионе Систо во 63. минута. Имено, Африканецот „распали“ од 20-25 метри и ја погоди белгиската мрежа за важен гол во гости за Шпанците.

Не минаа три минути, а младиот белгиски репрезентативец Леонардо Тросард ја искористи грешката на Аргентинецот Кабрал и ја погоди мрежата на Алварез за 1-1. Но, и во тој момент гостите не паничеа и со посед и продолжен посед целосно го контролираа резултатот. Во последните десетина минути Селта се повлече и преку Малиновски и Буфел, домаќините имаа две шанси за победа и полуфинале, но среќата застана на страната на гостите од Галиција.