ВИДЕО: Роналдо со нов рекорд во тешката победа на Реал против „милионерите“ од Дортмунд

Реал Мадрид победа

Уште една вечер во Лигата на шмпионите помина со нов рекорд зад името на Кристијано Роналдо. Во победата над Борусија Дортмунд (3-2) португалскиот фудбалер постигна еден погодок, со кој стана првиот играч кој се запишал во листата на стрелци во сите шест кола од групната фаза во Лигата на шампионите.

Зинедин Зидан се одлучи за комбиниран состав ,кој одговори на предизвикот уште во осмата минута, кога Борха Мајорал погоди за 1-0. Само четири минути подоцна Реал ја зголеми предноста преку Роналдо, кој со прекрасен шут го собра аплаузите на „Сантијаго Бернабеу“.

Пред полувремето, најдобриот стрелец на гостите, Пјер-Емерик Обамејанг ја преполови предноста и најави интересно второ полувреме. Габонецот се погрижи да донесе „ладен туш“ за мадриѓани на стартот од второто полувреме, кога со прекрасен лоб удар израмни на 2-2.

Конечната победа за европскиот првак ја донесе Лукас Васкез, кој одлично ја искористи шансата добиена од тренерот Зидан.

Во вториот меч од групата Х, Тотенхем забележа сигурна победа против АПОЕЛ (3-0) пред своите гледачи.

Фудбалерите на Маурисио Почетино го потврдија првото место на табелата со головите на Љоренте, Н'Коду и Сон.