ВИДЕО: Рома го освои „Мараси“, Пандев го преседе дербито на клупата

На теренот на „Мараси“ во Џенова, каде загубија Јуве и Милан, а Наполи освои само бод, Рома на Лучијано Спалети забележа значајна победа во мечот од 19. коло на Серија А. „Волчицата“, благодарение на првото полувреме во кое беше далеку подобар противник, стигна до минимален триумф од 0-1 (0-1). 

По две големи шанси за Наинголан и Пероти, гостите од Рим поведоа во 36. минута по автоголот на Ицо, кој несмасно интервенираше по центрашутот на Бруно Перес од десната страна и ја погоди мрежата на Ламана, кој уште во 8. минута го замени повредениот Матеа Перин на голот на Џенова.

Во вториот дел екипата на Јуриќ со влегувањето на засилувањето Пиниља, како партнер на Џио Симеоне во нападот, неколку пат се закани, но Шчешни беше сигурен меѓу стативите. Окампод во 92. минута имаше исто така голема можност, но за полскиот голман со врвот на прстите ја исфрли топката во корнер. Горан Пандев мечот го преседе на клупата и не доби шанса ниту минута.

Голема гостинска победа извојува Аталанта на тренерот Џампјеро Гасперини на гостувањето на „Бентегоди“ во Верона против Киево Верона. Гостите од Бергамо славеа со 1-4 со головите на Папу Гомез (два), Алесио Конте и Фраулер, а единствениот гол за „летечките магариња“ го постигна ветеранот Пелисие.

Лацио едвај го совлада Кротоне со 1-0 со голот на Чиро Имобиле во последната минута, откако Биглиа не реализира пенал на самиот почеток. Без голови заврши натпреварот меѓу Сасуоло и Торино.